Kнигата „Чичко маестро Џамбаз, во светот на децата“, посветена на композиторот и диригент Александар Џамбазов, подготвeнa од музиколозите Бранка Костиќ Марковиќ и Марко Коловски, ќе биде промовирана во сабота (3 февруари) во 12 часот во Дебар Маало.
Изданието претставува збирка на песни од маестро Александар Џамбазов, еден од нашите најистакнати македонски композитори, диригенти и втемелувачи на македонската популарна и детска музика. Изборот на композициите, кој опфаќа 52 песни за деца од предучилишна и училишна возраст, е направен од страна на самиот Џамбазов за време на неговиот живот, а во соработка со авторот на нотографиите, музикологот Марко Коловски, а текстуално и контекстуално книгата ја вообличи Бранка Костиќ Марковиќ, која во воведниот дел се осврнува на детското творештво и на професионалната биографија на маестро Џамбазов.
Уредник на изданието е Бранка Бугариска, музички редактор Младен Марковиќ, рецензенти д-р Валентина Велковска- Трајановска и м-р Весна Малјановска, а покрај графичкиот и уредничкиот влог на Арс Ламина и Поинтер, свој придонес даде и Министерството за култура, кое го одобри и финасиски го поддржа печатењето на публикацијата, како дел од Годишниот конкурс за проекти од национален интерес.
Насловот на збирката не е случаен. Сите поранешни солисти на познатиот фестивал на детска песна „Златно славејче“ и хористите на детскиот хор „Развигорче“, кој беше редовната придружба на споменатиот фестивал, диригентот Александар Џамбазов, кој ги водеше низ живата фестивалска изведба, од милост го нарекувале „Чичко маестро Џамбаз“. А тој возвратно, на шега, не нарекуваше „златни гавранчиња“. Песните издвоени во оваа збирка (песни кои самиот композитор ги вброил во изборот, а биле дел од фестивалот „Златно славејче“, но и од богатата детска програма на МРТ и неколку создадени по други поводи), денес претставуваат своевидни детски евергрини за сите генерации.
Како авторски тим цениме дека изданието ќе биде и одлично дидактичко средство и извор на квалитетен дополнителен материјал за денешните одделенски и предметни наставници во реализирањето на наставата по музичко образование, но и на секој истражувач и љубител на детската песна, вклучувајќи ги и децата. – истакнува Костиќ – Марковиќ.
Оваа промоција ќе биде дел од еден поголем настан, кој е во организација на синот на маестро Џамбазов, Игор Џамбазов и Општина Центар, по повод сеќавање на животот и делото на композиторот, токму на денот на неговиот роденден, 3 февруари.