Промоција на публикацијата „Манчевски: пет есеи“

На 1 февруари во Едукативниот културен центар „Лабораториум“ (19 ч.) ќе се одржат два настани во чијшто фокус е творештвото на едно од нашите најзначајни режисерски имиња и еден од најголемите амбасадори на македонската култура и уметност во светот, Милчо Манчевски.

Најпрвин (19 ч.), ќе биде промовирана публикацијата МАНЧЕВСКИ: ПЕТ ЕСЕИ (2023, издание на Филозофското друштво на Македонија), додека подоцна (20 ч.) ќе биде прикажан филмот БИКИНИ МУН (2017).

Двојазичното издание МАНЧЕВСКИ: ПЕТ ЕСЕИ (трета книга во едицијата Филмософија) ќе биде промовирано од проф. д-р Ана Димишковска, а делови од есеите ќе читаат актерите: Никола Ристески и Елена Кузманов. Книгата се состои од пет есеи (и нивен корелат на англиски јазик), коишто се пишувани во период од 1994 па сè до 2022 година. Автор на предговорот е проф. д-р Иван Џепароски, додека дизајнот на корицата е на Катерина Тери Николовска.

Манчевски, во континуитет, низ целото негово творештво, покрај креирањето на филмски дела, преку есеистичкиот формат се запрашува и за нашата длабока потреба од раскажување и споделување приказни, за природата на вистината и за дистинкцијата вистина-прикаска во филмот (играното и документарното), за дијалогот на авторот со уметничкото дело, за насилството во уметноста, за проблемот на претставувањето, т.е. односот уметност-стварност, но и за хуманизмот којшто лежи во центарот на самата уметност – теми коишто го предизвикуваат нашиот однос, не само кон уметноста, туку и кон светот, и покажуваат една подлабока потреба на авторот, не само од творење, туку и од постојано бидување во дијалог со својата уметничка пракса. И токму овој дијалог, централен и за филозофијата, е она што го ситуира ова дело на пресекот меѓу филозофијата и филмот, меѓу естетиката и уметничката пракса, посочувајќи ја неговата важност при секое чинење уметност и размислување за неа.

БИКИНИ МУН е петтиот филм на Милчо Манчевски, снимен во Њујорк, овој како американска продукција. Манчевски живее во Њујорк од 1985 год., и БИКИНИ МУН е прв негов американски проект по краткометражните ЧЕТВРТОК (2013) и американско-кубанската копродукција КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО (2017), кои, исто така, ќе бидат прикажани на овој настан. Манчевски, како и во сите свои филмови се јавува и во улога на сценарист, но во овој филм косценарист е В.П. Розентал. Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Јановиц, Сатја Шридаран…

Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм-во-филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана…
Филмот го отвора прашањето и го испитува начинот на кој гледаме на светот преку медиумите кои изискуваат да се гледаат како реалност, притоа поставувајќи ги непријатните прашања за често експлоататорскиот однос помеѓу медиумите и неговите субјекти…