Претстава по „Мојот маж“ на Румена Бужаровска премиерно во Атина

По успехот на книгата и претставите, не само на Балканот, туку и многу пошироко, грчката верзија на „Мојот маж“, имаше успешна „солд аут“ премиера во театарот „Тисио“ во центарот на Атина, а авторката, режисерката, актерките, но и публиката, не го кријат задоволството од претставата.

Шесте приказни-извадоци од книгата, раскажани преку шест монолози од три грчки актерки, им понудија двочасовно задоволство на присутните, кои и покрај тоа што следеа дејствија што се случуваат во соседната земја, коментираа дека целосно се идентификувале со ликовите.

Иако жената е во фокусот и во книгата и во претставата и многумина би очекувале дека претставата е наменета само за „понежниот пол“, но сепак во исполнетата сала во атинскиот театар, преовладуваше „родовата еднаквост“ и „Мојот маж“, уште еднаш докажа дека се однесува и на „посилниот пол“.

По премиерата следеше дискусија со режисерката, авторката на книгата, преведувачката, како и актерките.

Бужаровска, која по седум месеци повторно се врати во Атина, откако на крајот на јуни успешно ги промовираше „Мојот маж“ и „Не одам никаде“, сега присуствуваше на премиерата на претставата, а во разговор со дописничката на МИА не го криеше задоволството.

Ако насловот е првиот показател за делото, во расказите со наслов „Мојот маж“, Румена Бужаровска (родена во Северна Македонија во 1981 година) создава очекување дека ќе зборува за машкиот пол. Но, нејзините текстови главно зборуваат за жени: за сопруги, љубовници, пријатели, ќерки, мајки. Можеби зборувајќи за жените подобро би ги разбрале мажите? Можеби е невозможно да се зборува за еден пол, а да се игнорира другиот? Расказите на Бужаровска ја опишуваат човековата состојба во однос на патријархатот. Со хумор и суровост ја мапираат динамиката на односите во парот и семејството, во модерното, патријархално балканско општество – многу слично на нашето, пишува во почетокот на најавата за претставата.

Режисерката очекува дека претставата ќе биде добро прифатена, истакнува дека се однесува на целото општество, на народот, а не само на затворен круг или само на жените, истакнувајќи дека сè уште постојат стереотипи, а со добриот хумор во расказите лесно допира до целата публика.

Интересно е, бидејќи тука има монолошки пристап кон книгата, многу ми беше драго повторно да ја видам, сега во грчка изведба. Многу сум среќна и секако трогната од претставата.

Од книга-подарок до театарска претстава

Режисерката на претставата, која воедно е и една од актерките, Мариа Маганари во разговор со дописничката на МИА од Атина открива како се роди идејата „Мојот маж“ да биде поставена на театарската сцена.

Лани, за време на премиерата на претходната нејзина претстава, пријател и соработник во издавачката куќа „Гутенберг“ преку која „Мојот маж“ е достапна за грчките читатели и ја подарил книгата на Румена, кусо откако беше издадена во Грција.

Ми рече: „Ова може да е твојата следна претстава“ и веројатно нешто знаеше. Кога ја прочитав книгата, освен што беше прекрасна за читање и добро литературно дело, имаше многу материјал за театар, од моја гледна точка, имаше многу силни приказни што се движат на многу нивоа и многу добри ликови, комплетирани ликови кои ни се потребни во театар, објасни режисерката.

Додава дека многу брзо сфатила дека според книгата може да биде поставена театарска претстава, со оглед на тоа дека допира до теми интересни лично за неа, како што се т.н. женското прашање, феминизмот ин.

Следел контакт меѓу режисерката и авторката, со взаемен интерес за соработка што резултираше со одлична претстава.

Ми се јави Мариа ме праша дали сум заинтересирана да го работи мојот текст ѝ реков дека секако може, разговарав со неа, видов дека навистина има визија за текстот, дека расказите ги разбира на начин на кој јас ги разбирам, почна да си работи и тргна целата работа, нејзина беше иницијативата, рече Бужаровска.

Она што за Маганари било интересно и карактеристично е начинот на кој авторката ги пренесува пораките, нешто што го прави и претставата, навлегува подлабоко во женскиот идентитет, „традиционалниот женски идентитет во однос на патријархатот“, но како што вели „ја лоцира и мизогинијата на жените, на самите жени за другите жени, открива работи што се однесуваат на многу подлабоки однесувања“.

По синоќешната премиера на претставата, Бужаровска денеска од Грција заминува за Аргентина, каде што за првпат ќе биде промовирана книгата „Мојот маж“ со поетско читање во Буенос Аирес, додека пак на почетокот на февруари, делата на македонската авторка, уште еднаш ќе бидат претставени пред читачката публика во Атина.