„Сказните на Биби“ отсега и на „Амазон прајм видео“

„Сказните на Биби“ отсега можат да се гледаат и во Велика Британија. Десет епизоди од серијалот за Биби и Боби на англиски јазик се достапни на „Амазон прајм видео“.

Меѓу епизодите кои се во понуда на британскиот пазар се „Малата вештерка“, „Роботчето Р1“, „Биби, Боби и непослушното јајце“, „Вредниот мрзливец“, „Жирафата Жижи“ и „Тајната на пештерата“.

„Придружете се на магичните авантури во ‘Светот на Биби‘, волшебен анимиран универзум за деца од предучилишна возраст. Истражувајте ги ‘Сказните на Биби‘ со Биби, Боби и нивните вонземјански придружници додека откриваат тајни, запознаваат нови ликови, се соочуваат со предизвици и учат вредни лекции за добрина, храброст и лидерство“, стои во најавата на „Амазон прајм видео“.

Првата епизода на „Светот на Биби“ беше емитувана во октомври 2018 на Јутјуб, каде што некои содржини од серијалот постигнаа повеќе од милион прегледи. Главна сценаристка на серијата е Билјана Црвенковска, Михајло Димитриевски-Тхе Мичо е уметнички директор, а како режисери се менуваа Гоце Цветановски и Никола Чикос.