Влада Урошевиќ и Лидија К. Дракулевска со книга за стогодишнината на надреализмот

Во издание на издавачката куќа „Полица“ излезе од печат книгата „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024“ од Влада Урошевиќ и Лидија Капушевска-Дракулевска. Збирот од есеји претставува сеопфатна аналитичка студија и преглед на генезата, развојот, теоријата, темите, техниките, митологијата и феномените на надреализмот. Освен тоа, оваа студија на исклучително акрибичен начин го анализира односот на надреализмот со некои други книжевни правци или жанрови (симболизмот и фантастиката, на пример) и други општествени активности (политиката).

Иако во центарот на вниманието се наоѓа францускиот надреализам, книгата содржи важен регионален аспект, донесувајќи темелен преглед на српскиот надреализам. Истовремено, оваа студија нуди панорама на распространувањето на надреализмот во голем број светски книжевности и култури, од англиската, шпанската, германската, американската, италијанската, чешката, романската, белгиската и другите европски книжевности, па сè до литературите во земјите од Латинска и Централна Америка и Јапонија. Она што е особено важно за нашата книжевна средина се двата есеи во кои се согледува односот на надреализмот и современата македонска поезија, како и надреалистичките постапки во современата македонска поезија. Поради сето ова, „Птици во аквариум: надреализам 1924 ‒ 2024“ не само што претставува едно од најцелосните толкувања на надреализмот, туку истовремено е и најтемелната студија за некој книжевен правец објавена кај нас.

Книгата е пишувана врз принципот на афективната теорија, во која строгиот теориски пристап се комбинира со силната наклонетост и страст за темата за која се зборува. Лично обоените и биографските текстови заедно со објавените песни претставуваат емотивна посвета на еден од авторите, за кого „надреализмот е негова голема љубов“.

Надреализмот е жив поради пристапот кон креативноста и деконструкцијата на воспоставените норми и конвенции, кој истовремено нуди алатки за длабоко продирање во човековиот ум и потсвест без да се напушти релацијата со општествените структури и „реалноста“. Во денешниот хаотичен, на чуден начин преплетен и поврзан, свет, појавите што современиот човек ги перципира околу себе или ги открива длабоко во себе често ги опишува користејќи ја придавката надреалистички, а голем број феномени и искуства од животот ги доживува како надреални. Надреализмот почна како уметнички правец, а сто години подоцна трае како вкус на времето на една епоха. Уметност излезена од својот медиум и стопена со животот. Нема поголема потврда за живоста на еден уметнички феномен од ова. – се вели во рецензијата на Владимир Јанковски.