Игор Џамбазов: „Мене ми е поважно вие младите да научите кој бил Блаже Конески“

На 15 декември во Битола во организација на Сцена продукција свој концерт одржа легендата на македонскиот шоубизнис, актер, музичар, писател, шоумен и бескрајно шармантен Игор Џамбазов. Тој заедно со неговиот доживотен блуз-партнер Гуру Харе ги отсвирија нивните најпознати хитови на концертот насловен „Најдоброто од Игор Џамбазов“.

Култура24 ја имаше можноста да поразговара со Џамбазов за негувањето на македонската музика, филмот, театарот, наградите и културата воопшто. Следува искрено интервју во кое допревме до многу теми, а освен професионалното, зборувавме и за Емче и целиот разговор беше исполнет со многу анегдоти.

Вие и Вашите колеги годинава успешно распродадовте повеќе концертни сали и доминиравте на општинските манифестации. Дали конечно македонските изведувачи се на заслуженото место?

Игор Џамбазов: Па уште не се. Можам да се пофалам дека ние сме тие што пред година-две кренаа глас против овој напад на турбофолк манијата од северот. Дури и објавив на Инстаграм еден пост во кој им се заблагодарувам на сите тие угостителски објекти кои ги вреднуваат српските старлети пет пати повеќе од нас и едноставно тоа те тера да се осетиш навреден. Не може некоја старлета што има една и пол песна да вреди повеќе од Игор Џамбазов и Гуру Харе. Сите што така размислуваат ги кладов на тапет. Е сега можеби ги загубивме тие неколку места на кои нема повеќе да свириме, ама добивме други педесет каде што постојано не бараат: „Маестро, ела кај нас да свирите. Ние сакаме само македонска музика.“ Мора од некаде да се почне. Мислам дека јас бев тој што го започна сето тоа. Тоа е еволутивен момент, не револуција. Тоа не може да се направи за една ноќ. Мора едно по едно и мислам дека сме на добар пат. И инатот македонски многу значи. Ние воопшто не се замараме колку народ има и дали воопшто ќе заработиме. Едноставно сакаме да ја шириме таа македонска музика оти ние сме едни од ретките што 98% од репертоарот се наши песни. Вчера не отсвиривме ниедна туѓа. Борбата е тешка и уште трае. Јас се трудам да ги поднаучам овие помладиве. Мислам дека се премногу лицемерни. Ќе ми побараат текст да им напишам, ќе изгубам неколку дена за тоа кои се скапоцени за мојот живот. Ќе ѝ го направам текстот,таа е презадоволна, ми се заблагодарува на Инстаграм, а утредента објавува видео кај што пее песна од Шако Полумента. И ти си велиш за кого јас ова го правам. Тие се изгубени во свемирот. Значи, прво ќе направиш успех дома, а потоа ќе се потрудиш барем во соседството. Не можеш прво да станеш ѕвезда во Белград, па во Скопје. Тоа ни на Тоше не му успеа. Тешка е борбата, но дури сум жив ќе се борам.

Затоа и сте барани и ќе бидете барани. Затоа што има луѓе кои уште сакаат и слушаат македонска музика.

Игор Џамбазов: Епа ете виде и ти самиот вчера. Ние пеевме песни кои половина од публиката прв пат ги слуша. Но, бидејќи се оригинални македонски и со добри текстови, тие уживаа како да ги знаат на памет. Тоа е многу важно. Се виде таа љубов на Битола кон македонската музика. Да не го враќаме филмот кои сѐ од легендарните музичари се од Битола. Јас велам, во Македонија има два градови: Битола и Струмица. Градови со традиција, со фестивали, со корзо, со амбиент, со сѐ. Прилеп е на четириесет километри од тука, ама таму никогаш нема да поминиме како што поминавме тука. Така што овие младите сакаaт се преку ноќ. Сега кога го правевме концертот во Филхармонија една твоја колешка ме праша колку време го спремавме концертот. Јас и одговорив: „Триесет години, злато мое.“ Ние сме бенд што пробува. Сега кога ќе се вратиме во Скопје, ќе направиме две-три проби. Гарантирам дека освен „Нокаут“ и мојот бенд, други бендови не прават проби. Пробуваат пред концерт и толку. Дојдовме до професионализмот. Ако не си професионалец не можеш да успееш во оваа држава. Односно можеш, ама за една ноќ, како во Америка. За една ноќ-хит. Ќе те има три дена и толку. И обично така се случува. Ќе напишат една добра песна со добар спот и после на интервјуа велат како се многу уморни од популарноста, како не можат да постигнат, како тоа не се издржува, колку било тешко и напорно итн. Јас што да кажам си велам.

Затоа треба почесто да си доаѓате во Битола, таман ќе се навикнете и на аплаузот.

Игор Џамбазов: Еми сега, сам не се иди. Треба некој да те викни. Меѓутоа, Центарот за култура во Битола навистина е институција која знаела да направи изненадувања. Еве сега кога ќе изврти целиот круг, па во јануари ќе дојде „Нокаут“, Владо Јаневски, „Љубојна“. Зарем малку имаме квалитетна музика? Се надевам дека нема да доживеам Шако Полумента да пее во Домот на културата во Битола.

Почнува седмата сеозна на Преспав, а се појавивте и во „Te dua жими мене“. Продукцијата на филмови и серии е во благ подем. Има ли нешто друго во најава?

Игор Џамбазов: Точно така. „Te dua жими мене“ го прогласија и за најгледан филм во историјата на Cineplex. Дури сум и изненаден оваа година колку понуди добив за филмови. Веќе снимив два филма, третиот го снимам сега и во февруари снимам уште еден. За триесет години имав снимено два филма, а сега за шест месеци снимив дури четири. Се гледа дека нешто се менува.

Игор Џамбазов во „Te dua жими мене“

Сега „на власт“ дојде една мала група режисери, продуценти, глумци што си се друштво, што го прават истото што ние го правевме на младите години. Тоа е баш регуларно. Голема продукција е во игра. ОХО, покрај „Преспав“ со новата сезона го снима и „Петко“, „Куќен притвор“ итн. Ова со „Куќен притвор“ мислам и дека не им успеа многу. Но, секој човек има право на грешка, особено човек како Пеце Талески што работи многу проекти. Луѓето мора да разберат дека тоа се скапи играчки. За една сезона на „Преспав“ се потребни околу двесте до триста илјади евра од кои половина се на инспектор Томе. Новата серија на Дритон и Ана, „Радиус“ исто така многу чини. Тие мислат дека ние така убаво друштво ќе се собереме и ќе снимаме. Не знам дали знаете, само во најавната шпица на „Преспав“ учествуваат шеесет луѓе.
Имам колеги кои никогаш не заиграле на ТВ, а сега не можат да постигнат од толку понуди. Не е чудно малце што само на 450 километри, белграѓаните снимаат по единаесет серии годишно и по педесет филма. Што се тие повеќе од нас? Имаат само добар продуцент.

Дел сте од ансамблот на МНТ. Што имате на репертоар и што е во подготовка?

Игор Џамбазов: Ти повеќе знаеш што има на репертоарот на МНТ од мене. Таму работиме јас, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Владо Јовановски и јас. Во последните пет-шест години никој нѝ нема понудено улога, а примаме плата. Мене ми е срам што ја примам таа плата.

На што се должи тоа?

Игор Џамбазов: Како резултат на младите друштва за кои ти зборував. Една е режисерка, другиот е сценарист, глумци… си седат и си фантазираат. Дали сметаат дека сме ние недостапни или тешко се стигнува до нас, не знам, но еве во последните пет години никој не ми понудил улога во мојот театар. Жал ми е што во театрите не се случува ништо. Да речеме во битолскиот театар се случуват толку многу работи кои се еднакви на сите амбиции на сите скопските театри. Колку што во Битола произведува еден театар, толку произведуваат сите скопски театри заедно. Да не го враќаме филмот во времето на Баге кога битолскиот театар беше подобар од сите скопски театри, кога шеташе по цела Европа. Тоа се примети и на вчерашниот концерт. Публиката што вчера дојде беше 50% театарска публика која знаеше да се смести во седиштето, да издржи два саати и да ужива. Тоа беше еден театарски концерт. Сега Битола има толку публика, за 20-30 изведби пред да почнат да се полнат салите со синдикатот, па гимназијалците, банките итн. Сите држави во транзиција го имаат тој проблем, не само Македонија. Тоа што се уништувало педесет години не може да се поправи за педесет дена. Потребни се најмалку дваесет години за да се вратиме на старото. Како викате вие младите, не restart туку reset и тоа фабрички.

Ја добивте наградата именувана по дедо Петре, но и наградата за животно дело „Анче Џамбазова“. Што се случи со таа награда и зошто не се доделува повеќе?

Наградата за животно дело „Анче Џамбазова“ во рацете на Игор Џамбазов

Игор Џамбазов: Тоа ќе ги прашаш тие од фестивалот „Гола месечина“. Тоа е нешто најлицемерно што ми се случлило во последно време. Откако ја добив таа награда на некој му текна да ја укине. Јас ги прашав зошто така, дури се обидов и да им ја вратам наградата: „Не можете вие да си играте со името на мојата мајка!“ им реков. Меѓутоа за нив тоа се само бројки. А, оваа за дедо ми Петре ми е посебно драга. Дури имаше и некои од душманите кои викаа: „Бре, бре…внучево ја добило наградата од дедово.“ Тоа е единствен случај во светот, некој да добие две награди во две години именувани по неговата мајка и неговиот дедо. Ако најдеш таков случај, јас ќе отворам дискон во Новаци и повеќе нема да се занимавам со оваа работа.

Голема е и реткоста тие три генерации да играат на иста сцена или во ист филм.

Игор Џамбазов: Токму така. И тоа е единствен случај, само ми е многу жал што сето тоа многу кратко траеше.

Се снимија филмови за Тома, Џеј, Аца Лукас и многу други. Која македонска ѕвезда заслужува филм?

Игор Џамбазов: Еден напиша на Инстаграм пред некое време: „Животот на Тома Здравковиќ, Игор Џамбазов за два дена го има поминато.“ (се смее). Зарем еден Никола Ристановски, Сашко Коцев, Владо Јовановски, ами Тони што сними петнаесет филма во Белград, а овде не му даваат ниеден, не заслужуваат да се направи филм за нив?

Се подготвува документарен филм за Вас. До каде е процесот?

Игор Џамбазов: Филмот за мене го прави истиот режисер што го направи филмот за мајка ми, Гоце Трајковски. Тој е еден од поталентираните режисери. Имаше сега филм и во Кан. Веќе три и пол години патува со мене и снима. Ме има снимано во сите пози и бои, и приватно. За среќа успеа да го сними и татко ми пред да почине. Со него сними едно интервју од два часа. Има многу теми и тој не знае што попрво да стави во филмот. Ќе треба да стави многу, а филмот да не трае повеќе од педесет минути до еден час. Му велам да направиме серија. Сега, за прв пат решивме да аплицираме во министерството и да побараме пари. Може државата знае кој сум јас. Мислиш дека државата знае кој сум јас? Ако знае може ќе даде пари, но јас си го финансирам филмот, и да не добијам поддршка од државата, сам ќе го завршам. Меѓутоа спремаме нешто многу добро.
На последниот конкурс доби пари за прв краткометражен игран филм. Ќе го снимаме во март во Дојран и идниот септември почнуваме да го снимаме неговиот прв долгометражен филм. Тоа е дете што ќе биде главен во филмот во наредните триесет години. Наредната година ќе дојде и на Манаки со филм што бил во Кан. Да сме реални, нема секој ден македонски филм во Кан. Се знае кои биле: „Пред дождот“, „Бал-кан-кан“ и толку.

Кај нас во регионот има хиперпродукција на поткасти. Како Вие гледате на овој формат?

Игор Џамбазов: Поткастот е само едно интервју кое од телевизиските студија е префрлено во собата на баба му. Има неколку професионалци со свои студија и тоа вистина изгледа добро. Ако нема добар концепт тој е бесмислен. Мојот поткаст со Лазаров има повеќе од 400 000 прегледи. Тоа е 1/3 од целото население од Македонија, ако рачунаме дека овде живеат 1.5 милиони. Сега пак ме викнаа, ама кога ќе видиш кои се и што се, сфаќаш дека не припаѓаш таму. А, јас и немам многу време за секаде да стигнам. Затоа им велам прво да снимаaт со помладите, потоа ќе им дојде чичко Игор.

Зад нас е 2023 година, колку сте задоволни од остварувањата на замисленото и кои се плановите за 2024 година?

Игор Џамбазов: Зборувавме за филмовите, снимив две серии, со Гуру Харе го издадовме албумот „Првите триесет“, се случи славеничкиот концерт, напишав седум текстови за новиот албум на „Нокаут“ итн. Беше навистина преубава година. Ја завршив и новата книга, така што другата година планирам малку да се „пензионирам“.

Споменавте нова книга. Кога можеме да ја очекуваме?

Игор Џамбазов: Ја чувам за саемот на книга кој се одржува секоја година во мај, пред „Борис Трајковски“ на отворено. Нема поубаво место за промоција од саемот. Книгата се вика „Книга што сама се напиша“ и е многу интересен спој. Тоа се дваесет и четири приказни за моите дваесет и четири омилени албуми што го одбележале мојот живот. Прикаски повразни за годините кога сум ги купил моите први плочи и поврзаноста на тоа време со денешното.

Споменавте плочи, па морам да Ве прашам за случката со шлаканицата од Џамбаз.

Игор Џамбазов: Тоа е неколку дена после смртта на Тито. Ми ја донесоа „24 Carat“ на „Depp Purple“ од Грција. Ние деца, не нѐ интересираше ништо друго. Шлаканицата ја памтам до ден-денес. Комеморации насекаде, а ние „Deep Purple“ на шестка грамофонот.

24 Carat Purple

На сите им недостасува тоа време. Слободата, музиката, филмовите, пазарот што го имавме. Ние со Гуру Харе најверојатно ќе бевме ѕвезди на дваесет и пет милиони луѓе, а сега сме на еден милион. Ние сме ѕвезди од Гевгелија до Табановце, нас во Врање не не знаат.

Кој е Вашиот совет за младите што сакаат да почнат да се занимаваат со музика?

Игор Џамбазов: Сѐ почнува од гаражата. Кога ќе преминиш во некоја просторија во домот на културата веќе си напредувал. Од домот кога ќе преминиш во средното музичко училиште уште повеќе си напредувал. Многу е важно дали тоа го правиш од хоби, што би рекле србите: „Да нам прође дан, да се лепо проводимо и да хватамо женске“ или имаш некоја визија. Бендовите со визија успеваат. Дали за една година или за пет тоа нив не ги засега. Многу е важна дружбата и создавањето на музика. Нема македонска музика без битолчанец. Вчера секоја втора песна имаше врска со Битола. Или е од битолчанец напишана или за Битола е напишана. Мој совет е да се обидат да создадат нешто автохтоно. Најлесно е во репертоарот да ги ставиш песните на Бајага, на Чорба, на Дугме. Тоа го правиме сите. Не велам да не се прави, но сепак треба да се создаде нешто авторско. Вие младите многу се срамите да го презентирате она што сте го направиле. Никогаш нема да знаете дали тоа е добро или лошо ако не го слушнат најмалку педесет луѓе. И ако ти се вистински пријатели, а тоа не е добро ќе ти кажат дека е така. Мене ми е поважно да научите кој бил Блаже Конески, каде се наоѓа Пехчево, кој бил Ристо Шишков, Драган Ѓаконовски-Шпато. Вие прво тоа да научите, а после да правите бендови. Сега брзо запознав девојка која студира продукција во Скопје, има двесет и три години и не знаеше кој е Шпато. Јас ѝ реков да се отпиши од факултетот оти таму не би ја примил никој. Тоа ти е исто како да студираш глума, а да не знаеш кој е Никола Ристановски.

За Емче…

Игор Џамбазов: Емче си замина пред два месеци. Се разболе и морав да ја успијам. Инаку си ја носев со себе. Баш овде во овој хотел има спиено со мене. Многу ми беше тешко. Плачев како за човек и си ветив дека повеќе не земам ништо. Кога ќе ми биде готова куќата во Дојран, си ветив дека првото маче или куче што ќе дојде тоа е мое. Мачето за да нема глувци, бумбари и змии, а кучето за да нема лоши чичковци што сакат да ми ги украдат сликите од дневната.

Игор со Емилија Џамбазова-Бавчанска

На концертот спомнавте за некој немил настан што Ви се случил во Битола одамна. Дали може да нѝ одгатнете нешто повеќе за тоа?

Игор Џамбазов: Кој немил настан? Ќотек! Ме извадија од чевли…Тоа беше 96-та година, кога една група млади битолски кабадаји ме обвинија дека сум имал односи со некоја што нити ја познавав и јадов ќотек, ама многу голем ќотек. Тие се разбегаа, а јас седев на маса со девојката за која ме обвинија и на крај, такви испотепани си рековме: „Сега веќе кога јадовме ќотек за нешто шо не сме го напраиле, ај да го напрајме.“ Сешто имало во Битола, но во главно биле убави прикаски. Сега на толку доаѓање мора да се случи и нешто лошо. Јас, Битола најмногу ја засакав кога живеев во Слепче. Ние еднаш неделно доаѓавме овде на пазар, во банка, на уред итн.

Кои беа култни дискотеки и кафичи во Вашето време во Битола?

  • Во кои кафичи си „излевал“ на времето­, а Игор? – Гуру Харе

Игор Џамбазов: Расчекор и Епинал беа најпознати во тоа време. Епинал имаше и бар и ресторан со тераса од каде се гледа цел Широк Сокак. Битола ја има многу и во книгите. Половина од случките во „Гол човек“ се поврзани со Битола. Има една приказна со Харе кога тргнавме да свириме со „Банкрот блуз бенд“ и „Силви бенд“. Тројцата од „Банкрот блуз бенд“ беа во едно пегличе со сите инструменти, а нас со „Силви бенд“ нѐ фати снег на Плетвар и моравме да преспиеме во колите. Утредента стигнавме во Битола и свирката се одржа тој ден. Беше во „Cinema“, бивша дискотека до Епинал. Тоа беше годината со температурната инверзија во Битола, камен ладно, -26 степени. Јас како Игор си ги памтам само убавите работи, а лошите сум ги напишал во книгите и во песните. Битола секогаш била доживување. Најголем ќеф ми направи некој кафич околу Домот на културата во кој имало фотографии од светски ѕвезди меѓу кои ставиле и моја слика. Вчера се потврди тезата дека вистина нѐ сакаат во Битола.

Фото: Диоген Хаџи-Коста Милевски

Леонид Ташовски