Џамбазов, „Нокаут“ и Наум Петрески ќе пеат на Вевчанскиот карневал

Со официјална прес конференција денеска беше најавено претстојното издание на традиционалната манифестација „Вевчански карневал 2024“, која од 12 до 14 јануари ќе се одржи во Вевчани.

На прес-конференцијата се обратија и градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски, и промоторот на манифестацијата, познатиот шоумен Игор Џамбазаов, кои рекоа дека Вевчанскиот карневал е гордост за Вевчани, но и за целата држава.

Промоторот на фестивалот Игор Џамбазов на прес-конференцијата посочи дека на Вевчанскиот карневал присуствуваат најкреативните луѓе во земјава кои знаат да направат шега и смеа од се.

Ако влезете на Википедија ќе видите дека според некои записи, фестивалот е стар речиси 15 векови, 1460 години, а според некои артефакти пронајдени од Горна Белица, се претпоставува дека постои повеќе од 2000 години. Првиот Вевчански карневал се одржал 900 години пред Колумбо да ја открие Америка, рече Џамбазов.

Најавено е присуство на Норвешка телевизија која треба да прави патописна репортажа за земјава и одбрала три пункта – Хераклеа, Охрид и карневалот во Вевчани. Исто така, ќе дојде и Путриота, еден од најпознатите блогери на овие простори кој патува по светот и снима репортажи.

Екипата наша ќе биде во Вевчани уште на 11-ти, затоа што на 12-ти, ноќта спроти Карневалот, ќе имаме општонародна веселба и ќе имаме добра програма двете ноќи, рече Џамбазов.

И годинава манифестацијата ќе биде придружена со богата музичка програма, која почнува на 12 јануари вечерта, а ќе настапат: диџеј Ампов, Јанг Деди, како и Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, а концерт ќе одржи и популарната група „Нокаут“. Вечерта на 13 јануари е резервирана за народна музика, а на сцената ќе настапат „Акустик бенд“, Наум Петрески и Оркестарот на тапани и зурли од Вевчани и на крајот Перо Волк и Коки Биоритам. Карневалот завршува на 14 јануари со василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.