„Домаќинство за почетници“ не влезе во потесната листа за номинација за Оскар

Македонскиот кандидат за Оскар „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски не влезе во потесната листа за номинација. На еден месец до објавувањето на номинациите за 96. Оскари, американската филмска академија синоќа ги објави потесните листи во 10 категории меѓу кои и за најдобар странски филм, за документарец и за документарен краток филм.

На потесната листа за странски филм се кандидати од 15 земји од кои на 23 јануари ќе бидат избрани пет номинирани. Меѓу нив се кандидатите од Ерменија „Американци“, од Бутан „Монахот и пиштолот“, од Данска „Ветена земја“, од Финска „Паднати лисја“, од Франција „Вкусот на нештата“, од Германија „Наставничка канцеларија“, од Исланд „Божја земја“, од Италија „Јас, капетанот“, од Јапонија „Перфектни денови“, од Мексико „Тотем“, од Мароко „Мајка на сите лаги“, од Шпанија „Друштво на снегот“, од Тунис „Четири ќерки“, од Украина „20 дена во Мариупол“ и од Велика Британија „Зоната на интерес“.

„Четири ќерки“ и „20 дена во Мариупол“ се и на потесната листа за номинација за најдобар документарец.

Номинациите за сите категории за Оскар ќе бидат објавени на 23 јануари, а доделувањето ќе биде на 10 март, во Театарот Долби во Холивуд.

Во 2020, „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов доби историски две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Во 1995 „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше првиот македонски филм со номинација за Оскар.