Општина Велес одбележа 202 години од раѓањето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот

По повод 202 години од раѓањето на Јордан Хаџи Константинов Џинот делегација на Општина Велес денеска положи цвеќе на гробот во црквата „Св. Спас“. 

На неговиот гроб е испишано дека бил роден во 1820, а во Викепедија пишува дека бил роден на крајот на 1821 или почетокот на 1822 година.

Џинот е првиот македонски драмски писател и просветител. Роден е во 1821 година во месноста Прцорек, од левата страна на Вардар во Велес. Својата учителска дејност ја започнал во 1838 година со воведување на народен македонски јазик во училиштата. Во исто време, прв воведува современ начин на одржување на наставата со нови предмети преку кои учениците освен со знаење се стекнувале и со трговски и занаетчиски вештини.

Освен со учителствување, Џинот се занимавал и со пишување учебници. Го напишал првиот буквар „Таблица перваја“, пишувал статии за весници во Белград, пишувал литературни творби, а собирал и народни умотворби. Во своето училиште работел до крајот на својот живот.

Драмските обиди на Џинот се првите од овој вид во македонската книжевност. Нив ги изведувале неговите ученици од скопското училиште во дворот на црквата „Света Богородица“. Тоа се „Минерва и девет музи”, „Разговор или прави человек”, „Училиште и учение”, „Басна”, „Сербија шетаетсја в земел своих”. Првите четири од наведените драмски обиди се отпечатени во „Цариградски весник”, а драмите „Минерва и девет музи“ и „Сербија шетаетсја в земел своих“ ја изразуваат неговата идеја дека ослободувањето од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква лежи во македонското национално единство и слободната соработка на словенските земји.

Џинот, исто така, се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање на народни умотворби и лексички материјал. Идејата да издаде повеќејазичен речник не успеал да ја реализира. Џинот е првиот македонски драмски писател и просветител заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски.

Од 1860 до 1866 година Јордан бил прогонет на 101 година робија во Мала Азија, која со помош на негови пријатели се смалила на три години и каде го изгубил едното око. Умрел на 29 август 1882 година, а денес неговиот гроб се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“.

Во Велес и земјава многу институции го носат неговото име. Во Велес порано работеше ООУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, а и велешкиот театар го носи неговото име.