Европска кино ноќ 2023: Прослава на европската филмска култура во битолското 3D кино

На 6-ти декември во киното на Центарот за култура Битола беше проследена проекцијата на комедијата „Злосторството е мое“. Битолското кино беше едно од 85 кина во Европа кои беа дел од  настанот „European Cinema Night – Sharing stories we love” благодарение на Creative Europe и Europa Cinemas.

„Злосторството е мое“ е француска криминална комедија во режија на Франсоа Озон со Надја Терешкиевич, Ребека Мардер, Изабел Ипер, Фабрис Лукини, Дени Бун и Андре Дусолие во главните улоги. Сместен во 1930-тите, филмот следи актерка која добива озлогласеност откако ќе биде ослободена од обвинението за убиство заради самоодбрана. Тоа е лабава адаптација на драмата Mon krim од 1934 година на Жорж Бер и Луј Вернеј. Овој филм не е само приказна, тој е едно платно на коешто е насликан хуморот и драмата, меѓутоа и потресните социјални ситуации, беспрекорно споени за да создадат едно ремек-дело.

После проекцијата беше развиена дискусија која ја водеше Љубица Ангелкова – модератор на настанот, а учесници во истата беа режисерката Марија Апчевска, драматургот Билјана Крајчевска, директорката на Центарот за култура – Битола, а воедно и дипломиран актер, Маја Андоновска -Илијевски и психологот Билјана Атанасовска.

Беа начнати теми поврзани со улогата на жената во филмската индустрија, не само како актер туку и како филмски работник. Слушнавме одговори од различен аспект на исти прашања што го направи настанот уште поинтересен.

Режисерката Апчевска зборуваше за стереотипите и предрасудите дека филмската работа е тешка за жената и со нејзините аргументи од призмата на режисер, го докажа спротивното.

„Напротив! Жените имаат големо влијание во филмската индустрија. Ние имаме различна перцепција на настаните.“ – вели Апчевска и додава дека работата на жената во филмот треба да се вреднува и да се почитува.

Според Билјана Крајчевска, овој филм беше една приказна во која Озон, феноменално ја прикажа позицијата на жената во општеството и преку нејзиниот лик ги прокоментира и искритикува општествените норми.

Актерката Маја Андоновска – Илијевски, пак сподели интересен аргумент: „Според тоа дека дејството во филмот се случува во 1936 година, многу работи во него се исти со денешното време, во секоја смисла на зборот.“

По завршувањето на дискусијата, во фоајето на Центарот нѐ очекуваше коктел и шоу за кое беше задолжена познатата битолска група „Фолтин“.