Британските медиуми со суперлативи по концертите на Трпчески со лондонскиот симфониски оркестар

Двата концерта на македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески заедно со Лондонскиот симфониски оркестар и повторната соработка со прославениот диригент Џанандреа Нозеда од Италија (инаку актуелен музички директор на Националниот симфониски оркестар од Вашингтон и главен гостин-диригент на Лондонскиот симфониски оркестар), наидоа на лавина одушевувачки рецензии во најугледните лондонски медиуми, информира „КултурОп“.

Имено, во две вечери (на 7 и 10 декември), одбраната екипа во салата „Барбикан“ во Лондон хронолошки ги изведе Првиот и Вториот концерт за пијано и оркестар на Брамс. „Симон Трпчески беше остроумен и елегантен солист во Вториот концерт за пијано на Брамс“, пишува критичарот на „Гвардијан“, Тим Ешли. „… Длабоко проживеана изведба на Вториот концерт за пијано на Брамс со Симон Трпчески како солист. Тој внесе многу тежина, увид и драма во органски развивачкиот почетен став и турбулентното скерцо, а сепак деликатноста на неговото свирење најмногу ќе остане во сеќавањето на друго место – чувството за тивка тишина во центарот на бавниот став, на пример, или грациозноста на финалето, со неговата ненагласена елеганција и духовитост…“ – истакнува Ешли.

Своето одушевување не го криеше и посебно инспирираниот рецензент на „Стандард“, Бери Милингтон, кој во својот критички осврт вели: „Македонскиот пијанист Симон Трпчески има лојални следбеници и можете да видите зошто кога го изведува Вториот концерт за пијано на Брамс во Б-дур, технички брилијантен, но полн со суптилни детали. Елоквентноста со која Тимоти Џонс го свиреше соло воведниот дел на хорна беше усогласен со извонредниот одговор на Трпчески, формулиран и одмерен до совршенство. Тој така продолжи во сите четири става, проникливо надополнет со обликувањето на оркестарот од Нозеда, вешто интегрирајќи ги виртуозното прикажување и внатрешното размислување. Трпчески има близок однос и со оркестарските музичари. Тој низ пијаното охрабрувачки и’ се насмевна на главната виолончелистка, Ребека Гиливер, додека таа се подготвуваше да го свири солото што го започнува бавниот став и што таа го направи со чувство кое допира. Гиливер беше наградена и со продолжен бакнеж од Трпчески кога уметниците и’ се поклонуваа на публиката. Не сум го слушнал овој концерт изведен со таква воодушевувачки експресивна широчина, откако Даниел Баренбоим го свиреше во истата сала под диригентската палка на Антонио Папано, кој сега ја презема улогата на главен диригент на ЛСО (Лондонскиот симфониски оркестар, н. заб.). Тоа беше пред 18 години.“ – поентира критичарот на лондонски „Стандард“, Бери Милингтон. Кон првата концертна вечер на која екипата од соништата го изведе Првиот концерт за пијано и оркестар од Брамс, критичарот на ценетиот портал за класична музика „Бахтрек“, Рој Вестбрук, напиша: „Солистот Симон Трпчески покажа целосно владеење на пијанистичката делница, вешто снаоѓајќи се низ нејзината очигледно незгодна испишаност за тастатурата. Односот на пијаното со оркестарот се менува од утеха до конфронтација. Успеа и во двете, а посебно беше импресивен во првото… Адаџото беше благослов, соодветно затоа што ракописот е напишан Benedictus qui venit in nomine Domini. Без разлика дали се однесува на трагедијата на Роберт Шуман или не, тоа влијаеше врз пијанистот. Трпчески постави живо темпо во стартот на финалето, а еланот во неговото свирење и изведбата на Лондонскиот симфониски оркестар заработија искрени овации во преполната сала. Трпчески му го посвети својот бис, Брамсовиот валцер, оп.39 бр.15, на диригентот, велејќи дека телефонскиот повик „пред осум или девет години“ од Нозеда, бил причина да го научи Првиот концерт за пијано на Брамс.“ – пишува Вестбрук. Инаку, снимката од изведбата на Вториот концерт за пијано и оркестар со Трпчески, Нозеда и ЛСО ќе биде емитувана на Третата програма на Би-Би-Си на 19 февруари.

Во меѓувреме, по максималните 5 ѕвездички од критичарот на „Тајмс“, одлична рецензија на новиот албум за британска етикета „Лин Рекордс“ на кој Симон Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на WDR од Келн, Германија, во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс, објави и врвниот светски авторитет за класична музика, магазинот „Грамофон“.

Критичарот Роб Ковен истакнува дека за таков голем потфат е неопходен голем пијанист каков што несомнено е Трпчески: „… Трпчески е намуртениот, изнемоштен аристократ, кој својата душа ја нуди до импресивен учинок“, алудирајќи на сложеноста на изведувачките барања поставени од композиторот Брамс. Симон Трпчески концертната 2023 година ќе ја заокружи на 23 декември во познатата сала „Коларац“ во Белград каде што со Симфонискиот оркестар на Српската радио-телевизија под палката на шеф-диригентот Бојан Суѓиќ ќе го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Сергеј Рахманинов.