Промовирана монографијата „75 години театар Куманово“

Монографија за 75 години театар Куманово беше промовирана вчера во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово. Вработени во театарот, актери, драматурзи Кети Дончевска-Илиќ, Симона Тоскиќ, Сашо Костовски и Зоран Зафировски се автори на монографијата.

Авторите кажаа дека на овој начин ги забележале и ги штитат од заборав дел од претставите играни во далечно време, расфрлани низ архивите, кутии, записи и текстови.

– За мене како актер ставен во улога на забележувач на еден период, претставуваше особен предизвик, ми беше задоволство затоа што се обидовме и потрудивме и мислам дека успеавме да ги ставиме во една книга и да ги заштитиме од заборав голем дел на претставите, вели актерката, Дончевска Илиќ.

Таа посочи дека и сега театарот се реновира веќе три години, а и во минатото секогаш се соочувал со предизвици, диктирани од партии, гарнитури.

– Тоа предизвикува уште поголема борба за понатаму Театар Куманово да си го заземе своето место, додава Дончевска Илиќ.

Директорот на установата, Сашо Тодоровски посочува дека како институција се горди на 75 години функционирање.

– Преубав настан и монографија која се подготвуваше скоро година и пол од колегите во Театар Куманово и навистина оваа публика вечерва покажува дека на Куманово му е потребен театар, публиката сака театар и навистина сме сигурни дека во периодот кој следи зградата на Театар Куманово ќе се реконструира и ќе можеме таму да уживаме во тековните претстави, изјави Тодоровски.

Инаку, реконструкцијата на театарот трае веќе три години и се спроведува етапно. Последната трета фаза привршува. За првата Министерството одвои 10 милиони, втората, седум, во третата 2,8 милиони денари.

Кумановскиот театар како што истражува драматургот Зоран Зафировски прераснал од културни-уметничко друштво до институција. Првите претстави биле изведени во 1920 година кога театарот функционирал како КУД „Максим Горки“, две години подоцна секцијата ја водел Васил Иљоски, потоа се формирал КУД „Абрашевиќ“ кој во еден период бил забранет, потоа во 1933 обновен. За време на Втората Светска Војна биле прикажувани едночинки. По војната функционирал како градски аматерски театар, подоцна две години имал и сопствена зграда спроти „Кристал“. Во 1948 театарот почнал да работи со одлука на тогашниот народен одбор на општина Куманово како полупрофесионален, малку подоцна и како професионален. Во 1950-та година биле укинати неколку театри, меѓу нив и кумановскиот. По неколку години поранешни театри настапуваат во Битола и освојуваат награди. Во ноември, 1961 година во овој објект поранешен „Работнички универзитет“ започнува со работа театарот како полупрофесионален.

На промоцијата присуствуваа поранешни актери, вработени.