Недела на полски филмови во Кинотека со 5 филма на Сколимовски

Неделата на полскиот филм ќе се отвори со филмот „ЕО“ на Јержи Сколимовски. Тоа е последен филм на легендата на полското и европското кино. Сколимовски со овој филм покажува дека има уште што да каже. „ЕО“ е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата 60-годишна кариера.

Филмот ја освои наградата од жирито на 75-тото издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата Оскар за најдобар странски филм во 2023 година.

Отворање:

6 декември(среда), 20:00 ч.
„ЕО“ (ИО)

Игран филм, Полска/Италија
2022, 88 мин., колор, ДЦП
Режија: Јержи Сколимовски (Jerzy Skolimowski)

Останати проекции:

7 декември (четврток), 20:00 ч.
„Rysopis“ (Белези на идентификација)

„Белези на идентификација“ е деби на прочуениот полски режисер Јержи Сколимовски како и првиот филм од цикусот за судбината на Анджеј Лешчиќ – млад, чувствителен човек, изгубен во комунистичкото полско општество кој очајнички бара излез од безнадежното и бесцелно секојдневие.

8 декември (петок), 20:00 ч.
„Bariera“ (Бариера)

„Бариера“ е третиот филм на Јержи Сколимовски од 1966 година во кој тој продолжува со својата опсесија со животите на младите луѓе во комунистичка Полска.

Филмот е психолошка драма чиј херој – еден мад, модерен човек – се обидува да ги надмине бариерите во својот живот: возраста, парите, конвенциите и хиерархијата.

9 декември (сабота), 20:00 ч.
„Wаlkower“ (Лесна победа)

Во својот втор игран филм „Лесна победа“, Сколимовски ја продолжува приказната за неговото алтер его, Анджеј Лешчиќ. Младиот Анджеј, ги напушта студиите и доаѓа во мало гратче каде ја среќава својата поранешна соученичка Тереза, која сега е менаџер во енергетската централа.

10 декември (недела), 20:00 ч.
„Ręce do góry“ (Рацете горе)

Петмина млади луѓе повторно се среќаваат во товарен воз, десет години по нивното дипломирање на медицинскиот факултет. Тие се навраќаат на нивното заедничко минато, кога Полска била под сталинизмот. „Рацете горе“ е четвртиот филм од серијата автобиографски филмови во кои познатиот полски режисер Јержи Сколимовски го игра своето алтер его – Анджеј Лешчиќ.