Животот и делото на Казанѕакис ќе се чествува на Филозофскиот факултет во Скопје

Амбасадата на Грција во Скопје, Канцеларија за јавна дипломатија, во соработка со Меѓународното друштво на пријатели на Никос Казанѕакис (ΔΕΦΝΚ), организираат настан за животот и делото на Никос Казанѕакис во Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на 24 ноември 2023 во 12.30 – 13.45 часот.

Грчкиот писател Никос Казанѕакис со својот роман Зорба постигна голем интернационален успех. Според романот беше снимен и филм. Ентони Квин го глумеше Зорба. Музиката беше на Микис Теодоракис, што на композиторот му донесе светска слава.

Тоа што е помалку познато е што ликот Зорба е автентична личност. Ѓорги Зорба е роден 1867 година во Колиндрос, југозападно од Солун, а набрзо неговата фамилија се преселува во Катафиџи, село на северните падини на Олимп. Како млад Зорба изразува силна желба да научи да свири на сантури Тоа и го прави учејќи од еден стар Турчин во Солун. Зорба потоа никогаш не го остава своето сантури без разлика каде и да патувал низ Грција и светот, работејќи како праматар низ јужномакедонските села каде и го научува славјанското наречје.

Во 1915 година на Света Гора, Халкидики, патиштата на Зорба и Казанѕакис  се вкрстуваат за извесно време. Нивното пријателство се продлабочува и Зорба со својата животна воља и животно искуство остава неизбришливи спомени кај Казанѕакис. Сето тоа писателот засекогаш ќе го овековечи во романот Зорба како и во автобиографското дело Писма до Греко. Сантурито на Зорба зазема едно посебно место во романот.

Зорба починува во 1943 година и е погребан на гробиштата Бутел во Скопје. Пред смртта тој го замолува селскиот учител, кој го  знае  германскиот јазик, да напише писмо до Никос Казанѕакис во кое Зорба кажува дека дека му го остава своето сантури. Казанѕакис за жал никогаш не дојде во Македонија да го земе своето сантуриТој умира во 1957 година и е погребан на родниот Крит.

Настанот, кој е отворен за јавноста, ќе го поздрават Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, Софија Филипиду, Αмбасадорка на Грција, Јоргос Стасинакис претседател на ΔΕΦΝΚ и Шериф Лужа, раководител на ΔΕΦΝΚ во земјава. Програмата на настанот вклучува проекција на документарен филм за Музејот на Н.Казанѕакис и говори за животот и делото на големиот писател од страна на членовите на координативниот одбор на ΔΕΦΝΚ и претседателите на филијалите во Кина и Грција, Елена Аврамиду и Катерина Зографисту.

Потоа, ќе биде посетен гробот на Зорбас на гробиштата Бутел.

Настанот се одржува во рамките на Меѓународната научна конференција „Средби и текстови на Казанѕакис за странски писатели и уметници“ (Центар на историја на Тесалоники, 25-26 ноември 2023 година), по повод 140 години од раѓањето на Никос Казанѕакис и 35 години од формирањето на ΔΕΦΝΚ, соопштуваат од Амбасадата на Грција.