Годината во чест на Ацо Шопов се одбележува со уште еден голем настан

Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ организира настан „Ацо Шопов – Невообичаено“, кој ќе се одржи утре, четврток 23 ноември, со почеток во 19 часот, во Кинотеката во Скопје.

На настанот ќе бидат промвирани три оригинални и во својот вид пионерски книги: „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски („Дијалог“); „Ацо Шопов: Песна над песните – Избор од поезијата, размислите, критиките и архивскиот материјал“ од Јасмина Шопова („Сигмапрес“) и „Небиднина – графички омнибус“, од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски („Флип Бук Букс“).

За книгите ќе разговараат: Иван Антоновски, Маја Бојаџиевска, Жарко Иванов, Лидија Капушевска-Дракулевска и Јасмина Шопова. Извадоци ќе читаат: Софија Гогова-Врчаковска и Емил Рубен.

Во оваа прилика ќе имате можност да присуствувате и на проекцијата на четирите анимирани филма од омнибусот „Небиднина“, во продукција Флипбук, и да видите две изложби: „Патот по кој чекорам“ (УНЕСКО) и „Величенствен поетски мост што ги поврзува сите континенти“ (Струшки вечери на поезијата).

Првата книга разговори за еден македонски писател водени со неговата сопруга, која неодамна ја објави „Дијалог“ под наслов „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“, ќе ја промовираат Лидија Капушевска-Дракулевска и самиот автор, Иван Антоновски, а извадоци од овие страници кои претставуваат скапоцен влог во книжевната и културната историја на Македонија  ќе читаат Софија Гогова-Врчаковска и Емил Рубен.

Доајените на македонската глумечка уметност ќе го преточат напишаниот збор на Шопов во глас, со кој пред публиката ќе заживее „Песна над песните“, избор од стиховите и размислите на нашиот поет, поврзани во еден несекојдневен литературен мозаик, во кој и критиката го има заслуженото место. За новите хоризонти на читање и на толкување што ги отвара оваа книга ќе разговараат Маја Бојаџиевска, главен уредник на Сигмапрес и Јасмина Шопова, која го приреди ова издание.

Откако поезијата на овој македонски мајстор на зборот доживеа и креативна метаморфоза во рацете на четворица современи мајстори на сликата, авторите на омнибусот „Небиднина“, Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски, ќе го претстават и својот двојазичен графички омнибус „Небиднина – Not-Being“ во издание на „Флип Бук Букс“.

Во рамките на настанот „Ацо Шопов – Невообичаено“, ќе се проектираат и нивните  анимирани филмови инспирирани од песните на Шопов „Долго доаѓање на огнот“, „Небиднина“, „Во сонот на црната жена“ и „Грозомор“, а публиката ќе има можност и да зачекори по врвиците на животот и делото на поетот, преку изложбата „Патот по кој чекорам“, и да го проследи неговото учество на Струшките вечери на поезијата, преку фотографиите на Душан Ѓоргон, кои ја сочинуваат изложбата „Величенствен поетски мост што ги поврзува сите континенти“.

Овој настан од отворен карактер се одржува во рамките на националната иницијатива „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, со која се одбележува јубилејот 100 години од раѓањето на македонскиот класик.