Македонски филмови на „Tallinn Black Nights Film Festival“ во Естонија

На меѓународниот филмски фестивал „Tallinn Black Nights Film Festival“ во Талин, Естонија, што се одржува од 3 до 19 ноември, македонската кинематографија е во фокус и е присутна со неколку филмови во македонска продукција и копродукција.

Земји во фокус на фестивалот освен Македонија, се и Србија, Црна Гора и Хрватска кои презентираат 13 филмови. Македонија како земја учествува со филмовите „Домаќинство за почетници”, „Чувари на формулата” „Живи и здрави“ и „Набљудување“, каде се јавува како мнозински и како малцински копродуцент.

Нашиот кандидат за Оскар оваа година, „Домаќинство за почетници” во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“ на 13 ноември имаше своја проекција во Талин во рамките на програмата „Screen International Critics’ Choice“. Филмот, како што е познато, „Домаќинство за почетници“ беше селектиран на филмскиот фестивал во Венеција, каде што ја доби наградата „Queer Lion“ и е номиниран за Европските филмски награди. На 19 ноември е закажана уште една кино-проекција.

Во официјалната селекција на фестивалот е и филмот „Живи и здрави” од Црна Гора на Иван Мариновиќ, кој предизвика огромен интерес кај публиката. Како македонски копродуцент се јавува Дејан Крајчевски од „Круг продукција“.

Македонија се јавува и како копродуцент на словенечкиот „Набљудување“, кој е вон конкуренција, а се прикажува во рамките на програмата Critics Peeks. Режијата е на Јанез Бургер, а копродуцент е „Кавал Филм“ од Македонија.

Фестивалот во Талин го отвори српскиот трилер филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата”, чиј македонски копродуцент е „Скопје филм студио“.

Инаку, македонскиот филм „Мравки” во режија на Марјан Гаврилоски и во продукција на „Тајм лапс продукција“ е дел од индустрискиот маркет во Талин.