Изложба „Париски рефлексии“ во КИЦ Битола

Синоќа во Офицерскиот дом во Битола, беше отворена изложбата „Париски рефлексии“, во која се поместени дела од најзначајните македонски ликовни уметници кои твореле во минатиот век.

На иницијатива на почесниот конзул на Република Франција Калиопа Кривашија Стилиновиќ, која беше прифатена од страна на Француската амбасада, а во соработка со Француската алијанса, Францускиот институт, Националната галерија во Скопје и домаќинот Културно информативниот центар Битола, изложбата која содржи дела на Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, како и Томо Владимирски, Борко Лазески и Лена Стефанова е поставена во Битола.

Градоначалникот Тони Коњановски, обраќајќи се пред присутните, истакна дека Битола, како град на франкофонијата, има посебно задоволство да биде домаќин на оваа вредна и значајна изложба.

„На прекрасен начин го заокружуваме денешниот ден со отворањето на оваа изложба, Париски рефлексии, во која имаме ретка можност на едно место да ги погледнеме најпознатите дела на македонските уметници, создадени под влијание на Париз, во организација на Почесниот конзулат на Република Франција во Битола.

Градот на светлината успеал да ги магепса најголемиот дел од неговите посетители, а уметниците, најдобро знаат како, дел од тие блескави моменти на Париз да го стават на платно и да го претворат во трајна уметничка вредност“, рече Коњановски.

Отворајќи ја изложбата, францускиот амбасадор Сирил Баумгартнер, се заблагодари на домаќинот, КИЦ Битола и изрази задоволство, што во соработка со Националната галерија во Скопје, битолчани ќе имаат можност да ги погледнат делата на македонските основоположници кои живееле и работеле во Париз меѓу двете светски војни.Тој посочи дека Париска школа е називот за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност.

На настанот присуствуваа голем број гости, меѓу кои и генералните и почесни конзули, како и уметници, љубители на уметноста и голем број млади лица, на задоволство на организаторот.